Попоски учествуваше на состанокот на ЦЕИ во Виена

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Виена учествувaше на Состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите членки на Централно Европската Иницијатива во рамките на австриското претседавање.

Состанокот беше искористен за потврда на активните заложби на оваа најстара регионална иницијатива која во своето 25 годишно постоење активно работи на соработка помеѓу државите во евроинтеграциите, но има и улога на своевиден мост помеѓу неколку макро региони.

Министерот за надворешни работи, Попоски ја поздрави силната заложба на овогодинешното Австриско претседавање за промоција на економската и енергетската соработка во регионот на ЦЕИ. Тој особено ја потенцираше важноста на регионалната соработка, особено во надминувањето на економските ризици и развојот на овој дел на Европа. Министерот Попоски изнесе дека фокусот одбран за оваа министерска сесија – енергијата и конкретно нејзиното ефикасно користење – е особено значаен за нашиот регион.

Тој понатаму додаде дека ваквите сложени прашања како што се енергетската безбедност и ефикасност, користењето на одржливи извори на енергија, бараат амбиент на тесна научна, технолошка, административна и развојна соработка каква што се гледа во ЕУ, aa може да постои и помеѓу земјите кои целат кон ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, кој оваа година претседава со ЦЕИ, на крајот истакна: “Би сакал во оваа прилика да и честитам и да и се заблагодарам на Македонија за превземање на претседателството на ЦЕИ во 2015г.”  Министерот Попоски потврди дека искуството и довербата на Република Македонија во и кон ЦЕИ ќе биде потврдено и со превземањето на претседавањето со оваа Иницијатива во 2015 година, стои во соопштението на Министерството за надворшни работи на Република Македонија до медиумите.