Попоски во дводневна посета на Брисел

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски во вторник и среда ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на настани на високо ниво, значајни за европската и евроатлантската интеграција на Македонија, информираат од МНР.

 

Најпрвин, Попоски  ќе земе учество на конференцијата на високо ниво посветена на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, а во организација на реномираниот тинк-тенк “Пријатели на Европа” и “Фондацијата Конрад Аденауер.” Тој ќе настапи на панелот насловен: “Враќање на економското закрепнување,” на кој ќе се дискутира за економските перспективи на земјите од регионот и за политикитекои се потребни за подобрување на економската состојба и враќање на економскиот раст.

 

Инаку, на конференцијата е најавено учество на бројни високи претставници на европските институции и земјите од регионот, меѓу кои: комесарот за проширување Штефан Филе, заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак, европратеникот Дорис Пак, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Вјекослав Беванда, заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Црна Гора Игор Лукшиќ, албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати, како и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.

 

За време на престојот во Брисел, предвидено е министерот Попоски да оствари средби со претставници на европските институции и да учествува на традиционалниот “Европски молитвен појадок“ во Европскиот парламент.

 

Исто така, на покана од Генералниот Секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен, министерот Попоски ќе учествува на редовниот годишен состанок на министрите за надворешни работи на Северно – атлантскиот Совет на НАТО во ИСАФ формат, што ќе се одржи на 4 декември 2013 година во седиштето на НАТО во Брисел.

 

Состанокот, велат од МНР, ќе претставува можност за размена на мислења и да се разгледаат и оценат колективните напори на земјите членки и оперативни партнери на НАТО во процесот на понатамошна стабилизација на Авганистан во рамки на Мисијата ИСАФ.  Воедно, на состанокот ќе се разгледаат аранжманите за финансирање на авганистанските национални безбедносни сили после 2014-та, кога се предвидува и да заврши Мисијата ИСАФ, согласно превземените обврски од Самитот на НАТО во Чикаго.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.