Попоски: Вооружениот судир во Куманово не е поврзан со политичката криза

Министерот за надворешни работи Никола Попоски ги отфрла тврдењата дека неодамнешниот судир меѓу вооружената група и македонската полиција има поврзаност со една од најсериозните политички кризи во земјата.

Во интервју за новинската агенција Асошиејтед прес, Попоски наведува дека очигледни се фрустрациите што се создадоа во македонското општество поради блокадата за влез во ЕУ и НАТО, пренесува МИА.

– Сепак, присуството на вооружена група во Куманово покажува дека границата со Косово е порозна, изјави министерот Попоски. Според него, Европската унија е виновна за сегашниот ќорсокак во земјата бидејќи го одложува нејзиното пристапување во Унијата. Некои од заклучоците што треба да бидат извлечени од сегашната ситуација, вели тој, е дека доколку не се успее да се обезбеди кредибилноста на евроатлантските интеграции во регионот, тогаш последиците се очигледни.

Одговарајќи на прашања во врска со полициската акција во Куманово и безбедносната состојба во земјата, Попоски вели дека и во минатото во овој дел на светот имало теории на заговор.

– И порано имало теории на заговор во овој дел од светот, изјави Попоски во врска со наводите на некои политичари дека престрелката била дело на оние кои сакаат да го одвлечат вниманието од политичката криза предизвикана од случајот со наводното прислушување.

Попоски посочи дека полицијата успешно се справила со заканата без да има загинати цивили.

– Но од друга страна, се покажа дека има делови од нашата граница кои се ранливи, но исто така и луѓе кои ги користат овие прилики за да шират терор и за да ја дестабилизираат земјата. Факт е дека се соочуваме со сериозна, веројатно најсериозната безбедносна ситуација од прогласување на независноста, изјави Попоски.

Најважно за Македнонија, како што вели, е да не дозволи да се шират какви било мултиетнички тензии. Соработката со властите на Косово, од каде што дошле вооружените напаѓачи, според Попоски е многу отворена и директна.

– Македонија треба да ја насочи енергијата кон решавање на политичката криза без да овозможи терен за некоја радикална група да ја искористи или злоупотреби ситуацијата на неизвесност, изјави во интервјуто за АП министерот Попоски.