петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 0

Попоски за Катимерини: Не сакаме да имаме толку апсурден спор со соседот

Имаме направено еден куп компромиси во разговорите за името; не сакаме да имаме толку апсурден спор со соседот; со Грција сме први братучеди; имаме исти стратешки интереси;

poposki

Последни вести

Имаме направено еден куп компромиси во разговорите за името; не сакаме да имаме толку апсурден спор со соседот; со Грција сме први братучеди; имаме исти стратешки интереси; при посетата на Атина сакаме да покажеме искрена волја и пријателство, се наоѓаме на добар пат за зголемување на меѓусебната доверба; потребно е Грција да вложи повеќе напори за регистрација на мигрантите и бегалците; предизвикува загриженост факот што наши граѓани одат да се борат во Сирија за ИД – порачува, меѓу другото шефот на македонската дипломатија преку интервјуто за грчки Катимерини, пренесува Канал 5.

Никола Попоски вели дека не треба да постои непријателство меѓу двете земји, затоа што во изминатите години се покажа дека двата народи имаат заеднички работи.

Особено, што се однесува на начинот на размислување и однесување, би можело да се каже дека сме први братучеди. Можеби и затоа добро ни оди во туризмот, во економијата и во многу други области и покрај кризата, вели Попоски, кој додава дека во мерките за градење доверба имаме капацитет за поголема и побрза соработка, но она што е од клучно значење е да се зголеми довербата.

„Се чини дека сме на добар пат“ – коментира шефот на македонската дипломатија.

Во однос на прашањето за името, пак, вели дека ние не сакаме да имаме еден толку апсурден спор со соседот со кој имаме стратешки интереси.

Мислам дека условите се повеќе од зрели, бидејќи чекаме над две децении. Во врска со овој спор, имаме длабоко чувство дека имаме направено еден куп компромиси, како што се промената на Уставот, на знамето, прифаќање на понижувачкото привремено име во ОН и сл. Од друга страна, каталогот на посакувани отстапки изгледа бескраен, додека пак, се забораваат претходните обврски како што е онаа да не нѐ попречуваат во НАТО и ЕУ.

Сепак, за успешен исход треба да ни се даде впечаток дека не ни ја барате и душата. И вие и ние сме горди народи. Не треба успехот на посилниот да се бара врз грбот на соседот, објаснува шефот на македонската дипломатија.

Потребно е Грција да направи поголеми напори за регистрација на бегалците и мигрантите

Во однос на проблемот со бегалците и мигрантите, Попоски за Катимерини вели дека јасно ни е дека Грција нема неограничени можности, а пристигнувањата на островите се континуирани, но потребно е јужниот сосед да направи поголеми напори за регистрација на бегалците и мигрантите, а секако да постои и европски одговор.

На нашата граница ги оставаат економски мигранти да ја каменуваат македонската полиција од грчка територија, без да се преземат некакви мерки во обидите неконтролирано да влезат во Република Македонија. Ова е несфатливо. Не би требало да се случува вакво нешто, потенцира Попоски. А во однос на проблемот со македонските граѓани кои заминале за Сирија да се борат на страната на џиадистите, вели дека тоа е загрижувачко и е потреба обединетост во борбата со ИД.

Шефот на македонската дипломатија во четврток ќе престојува во официјална посета на Атина, каде што ќе биде примен од неговиот грчки колега.

Според информациите на Канал 5, Попоски и Коѕиас на нивната средба во Атина се очекува да го оценат текот на мерките за градење доверба и да разговараат за нивно продлабочување во повеќе области, од трговија, енергија, транспорт до образование, култура и правда; а на агендата разговори ќе бидат и прашањето за името; нашата европска и евроатлантска интеграција; проблемот со мигрантите и бегалците; како и економската соработка.

Најчитани вести