Македонија

Попоски: Затворање на границите не е решение за мигрантската криза

Попоски: Затворање на границите не е решение за мигрантската криза
Попоски: Затворање на границите не е решение за мигрантската криза

Охрабрувачки е фактот што во овој момент има порака од ЕУ и дека има усогласеност меѓу 28-те земји членки за распределба на товарот во најмала рака за 120 илјади бегалци. Тоа е веројатно добар чекор кој го очекувавме подолг период бидејќи ако не постои таква распределба, ќе остане впечатокот дека само некои треба да го носат товарот додека другите ќе се апстрахираат од овој сериозен проблем, можеби најсериозен во последните години за ЕУ, посочи министерот за надворешни работи Никола Попоски, како одговор на новинарско прашање во врска со најновите случувања со мигрантите.

Постои загриженост од најави, опции и дискусии за затворање на граници. Нашето видување за ова е јасно и недвосмислено – тоа не може да донесе решение. Во досегашниот тек на развојот на оваа мигрантска криза се чини дека  приоритет беше префрлање на топката од една до друга граница и секој се трудеше да нема застој во неговото двориште. Сценарио во кое некои од европските земји на северот, Србија, би ја затвориле границата би значело дека за многу краток период би можеле да имаме многу сериозна бројка на мигранти на територија на РМ,  рече Попоски по денешната средба со Игор Црнадак, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, кој се наоѓа во официјална посета на РМ.

Фактот на пристигнување на мигрантите е нешто што не можеме да го регулираме, тоа зависи пред се од грчките власти, истакна Попоски, но, укажа, тоа е сценарио кое мора да биде избегнато, затоа што ние сме во специфична ситуација – имаме мигранти на територија на ЕУ, кои сакаат да стигнат на територија на Унијата, а Македонија е транзит земја која е кандидат за членство во ЕУ.

Сакаме да бидеме дел од решението, но би било сериозен пропуст доколку бидеме оставени да го носиме сами товарот од кризата која ниту сме ја причиниле, ниту можеме да ја разрешиме, истакна Попоски.

Во врска со одлуките на Советот на ЕУ, според Попоски, за нас е значајно да бидеме земени предвид при финансиската помош која се алоцира за справување со мигрантската криза, но исто толку е важно, рече, да не бидеме изоставени од политичкото решавање на овие проблеми.

До овој момент 80-ина илјади евра се алоцирани од ЕУ за конкретно во РМ во насока на организации како УНХЦР, Црвениот крст и други. Во делот на институциите се уште не постои финансиска помош од страна на ЕУ. Ветувањето е дека тоа ќе биде опфатено со 1,5 милиони евра кои се алоцирани  во овој момент за Македонија и за Србија, изјави Попоски, додавајќи оти поднесена е проценка за тоа колку досега ја чини РМ мигрантската криза, проценка која е во милиони.

Министерот Црнадак одговарајќи на новинарско прашање информира дека институциите во БиХ сериозно ја разгледуваат можноста за евентуално две рути на  бегалците кои би пристигнале и тоа едната е преку Србија – Бјелина и Зворник, а втората е преку Албанија.

За нас затворањето граница не само што не е решение на проблемот, туку и го отежнува решавањето на проблемот. Затворањето на границата ќе биде последна работа што би ја применила БиХ, освен во некоја нереална хипотетичка ситуација од наплив од над 100 илјади бегалци, изјави Црнадак.

Тој тврди дека во БиХ нема индикации за зголемување на ризикот од радикализам и тероризам како резултат на бегалзската криза.