Попова: Животот дојде за Зоран Заев и функционерите околу него, додека граѓаните преживуваат

СДСМ или свесно ги лажеа граѓаните или се целосно неспособни да го реализираат ветеното. Резултатот на крајот е ист. Животот дојде за Зоран Заев и функционерите околу него, додека граѓаните преживуваат, обвинува Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев предизборите во 2016 година вети дека во првите шест месеци по преземањето на власта ќе воведе можност за предвремено пензионирање 5 години пред навршување на условите за старосна пензија. Помина скоро една година, а граѓаните не само што не можат предвремено да одат во пензија, туку власта се заканува и со зголемување на старосната граница за пензионирање. Граѓаните се излажани и изманипулирани. СДСМ е целосно неспособна да менаџира со државните ресурси и расипнички без концепт за развој ги троши парите на граѓаните. Парите од Буџетот наместо да одат на проекти и покачување на плати, пензии и социјална помош, никој не знае каде завршуваат, истакна Попова.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Заев и СДСМ ги ставија пензионерите на последен план.

Покрај тоа што не го реализираа ветеното, СДСМ го запре трендот на покачување на пензиите што е започнат од ВМРО-ДПМНЕ. Пензионерите за првпат оваа година не добија покачување, туку добија намалување. СДСМ си поигра со оваа категорија на граѓани. Пензионерите се гневни и разочарани. СДСМ наместо да ги реализира ветувањата кои им ги даваше, спроведува штетни политики и ја носи државата кон економски колапс, заклучи Попова.