Поповолна економската состојба во преработувачката индустрија

Економската состојба во фирмите од преработувачката индустрија и бројот на вработените во април во однос на март годинава, како и споредено со април лани, е поповолна, покажува оценката на раководителите на фирмите, пренесе МИА.

Според податоците од Државниот завод за статистика,  индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во април во однос на март годинава е за 0,1 процентен поен поголем во однос на претходниот месец, а во однос на април лани е зголемен за 3,5 процентни поени.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во април 2015, во однос на март 2015 година, е поповолна, залихите на готови производи сe зголемени, а очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, пренесе МИА.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во април годинава изнесува 63 проценти од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на прозводството имаат недоволната странска побарувачка со 25,3 проценти, недостигот на квалификувана работна сила со 25,3 проценти, недоволната домашна побарувачка со 24 проценти и финансиските проблеми со 5,8 проценти.