Поповска: Македонските компании се иновативни

Команиите во Македонија се иновативни, меѓутоа имаат проблем со имплементација на иновативните решенија. Ова е оценката на директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска во интервју за МИА.

Таа вели дека токму во овој дел ќе помогнат преку инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија кој за годинава има вкупен буџет од 2,3 милиони евра.

– Сите истражувања покажуваат дека недостигот на финансии е прва пречка зошто нема иновации кај определени претпријатија. Втора пречка е недостиг на соодветни кадри кои би го спровеле тоа. Така што ние се трудиме првата пречка да ја надминеме  со поттикнување и охрабрување соработка меѓу научно-истражувачка институција и претпријатија, наведува Поповска.

Потеницира дека има лидери во иновации меѓу поголемите претпријатија кои имаат и свои лаборатории и развиваат иновации бидејќи имаат ресурси, меѓутоа  микро, малите и средни претпријатија имаат проблем бидејќи се фокусирани на секојдневни операции и губат голем дел од енергијата, времето и трошоците.

За веќе објавениот повик за еден од инструментите информира дека се уште не се пристигнати апликации, но според праксата очекуваат во последните денови да пристигнат.

– Сега доделуваме 600 илјади евра. Тие се на располагање на апликантите кои треба да аплицираат, да добиеме квалитетни проекти, да ги одобриме и да  бидат искористени. Меѓутоа може да се случи доколку имаме помалку проектни апликации или помалку добри проекти за финансирање да не бидат искористени и да останат за искористување во наредниот повик. Доколку има повеќе, ќе ги финансираме оние најдобрите на ранг листата кои ќе бидат оценети, истакна Поповска.

Фондот постои пред се за да даде поддршка финансиска, меѓутоа и нефинансиска на претпријатијата во смисла да ги поддржи нивните иновациски дејности, креирање иновации во самите компании, соработката меѓу научно истражувачките и високо образовни институции и бизнис заедницата.

Мисијата, според Поповска, е благородна на некој начин и долго очекувана од страна на претпријатијата.

– Идејата на крај за Фондот е да креираме нови работни места и да го поттикнеме економскиот раст во земјата со тоа што ќе поддржиме високорастечки бизниси, поголема имплементација на технологии, да ги мотивираме малку компаниите самите да вложат во еден забрзан раст, меѓутоа и поголема конкурентност во однос не само на македонската национална економија, туку и пошироко. На светски пазари знаеме дека сега се многу достапни, меѓутоа таму конкуренцијата е многу голема така што на нашите компании им треба малку поддршка во тој сегмент, вели Поповска во интервју за МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.