Поповски: Активни се 7.000 слободни работни места, апелирам невработените да аплицираат

Директорот на Агенцијата за вработување на РМ, Влатко Поповски во интервју за Курир говори за успешните мерки со кои им се помага на невработените лица, за историски најмалата стапка на невработеност и за отворените работни места. Тој ги советува невработените лица  да ги следат огласите за вработување објавени на официјалната страна бидејќи истите постојано се ажурираат и во моментов се активни 7000 отворени работни места.

Најавивте дека повикот за аплицирање за 1000 бесплатни обуки за странски јазици и компјутери за невработени лица е се уште отворен. Колку сте задоволен од досегашниот интерес и која беше првичната цел на оваа мерка?

-Првичната цел на оваа мерка е на невработените млади лица до 29 години да им обезбеди стекнување на знаење од странски јазици и компјутерски вештини со цел зголемување на нивната конкурентност и вработливост. Обуките за основни компјутерски вештини ќе бидат насочени кон клучните апликации кои ги покриваат вештините за обработка на текстови (MS Word), вештините за работа со табели и пресметки (MS Excel), вештините за работа со програми за презентација (MS Power Point), вештините за работа со дата бази на податоци (MS Access) и вештините за работа на интернет и електронска пошта (Internet и MS Outlook), додека обуките за странски јазици ќе бидат насочени кон курсевите (степените) кои ги покриваат нивоата на Европската јазична рамка на Советот на Европа за еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски). Инаку предвидениот опфат е 2000 кандидати (1000 за компјутери и 1000 за јазици). Јавниот оглас е во тек и досега аплицирале вкупно 406 кандидати од кои 351 кандидати аплицирале за обуките за странски јазици (169 за англиски јазик, 173 за германски и 9 кандидати за француски јазик), а 55 за обуки за основни компјутерски вештини (3 за Internet и MS Outlook, 3 за MS Access, 34 за Excel, 13 за Word и 2 за Power Point), вели директорот.

vlatko popovski avrm nova kancelarija

Директоре пред извесен период пласиравте информација дека секојдневно се објавуваат од 500 до 600 огласи за работни места. Кој и каде ги огласува овие работни места? Што би ги советувале невработените лица за овие огласи?

-На веб страната на Агенцијата за вработување постојано се ажурираат податоците за објавените слободни работни места. Во моментот  објавени се речиси 7000 слободни работни места  и таа бројка постојано се менува. Најголемиот број од слободните работни места се објавени за подрачјето на Град Скопје, но исто така значителен број на слободни работни места се објавени и во останатите центри за вработување Битола, Охрид , Штип, Тетово, Кочани, Куманово, Гевгелија, Прилеп и др. Најбарани работници постојано се за занимањата како продавач, келнер, шивач, хигиеничари во станбен и деловен простор, возач, и други, но во континуитет се објавуваат и огласи за програмери, градежни инженери, машински и електроинженери, економисти и правници и други занимања. Најголем дел од објавените слободни работни места се кај работодавачи од дејноста трговија и преработувачка индустрија, но голем број слободни работни места се огласени и кај работдавачи од градежништвото, во дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна, во транспорт, финансиска дејност, кај работодавачи од дејноста информации и комуникации, потоа стручни научни и технички дејности и др.

Би сакал да ги упатам сите невработени лица –баратели на работа да ги следат објавените огласи на нашата веб страна, да аплицираат на нив  и верувам дека многумина ќе имаат среќа да си ја најдат својат работа.  Исто така секогаш можат да се обратат во некој од подрачните центри за вработување и од нашите вработени да добијат информации за објавените слободни  работни места. Секако имаат можност да добијат и информации и за програмите и мерките за вработување кои се во тек на реализација и можности за учество во нив, кои исто така се достапни и на нашата веб страна, апелира тој.

spasov-popovski

Вие како директор многу се посветивте на мерките за самовработување со државна помош. Какви се резултатите? Колку сте задоволен?

-Програмата Самовработување континуирано и успешно се реализира од 2007 година и тоа со објавување на два јавни огласи во текот на годината кои се спроведуваат во 2 циклуси од Програмата. Програмата има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање на почетни бизниси кои ќе обезбедат одржливи вработувања не само за самите основачи туку и за други лица кои ќе се вработат во овие почетни и оддржливи бизниси. Исто така, програмата поттикнува создавање и рамномерна дистрибуција на економските субјекти во земјата. Анализите покажуваат дека нема општина во земјата во која не се основале мали бизниси преку програмата за Самовработување. За време на четиридневната обука за Претприемништво и развивање на бизнис вештини, кандидатите имаат можност да ги осознаат основите на претприемништвото, да ја разберат суштината на успешното претприемништво- трансформирање на идеите во акција. Потоа, треба да ја разбере својата улога и ги препознае своите почетни предности и слабости за својата бизнис идеја. Многу битен дел од обуката е кога кандидатите учат да го опишуваат производот или услугата на својата бизнис идеја. Да ги препознаат и опишат своите директни купувачи но и да ги дефинираат своите конкурентски предности на својот производ или услуга. Значи, учат да го изработуваат својот маркетинг план. Неоделив дел од програмата за претприемништво е модулот за финансии, кога кандидатите учат како да ја дефинираат цената на чинење на својот производ или услуга и како да ја одредат продажната цена.  Кандидатите кои ќе успеат сите овие аспекти  јасно да ги опишат во својата „Бизнис идеја“ која ја доставуваат на крај на обуката, успешно ја поминуваат обуката, ќе бидат поддржани во понатамошниот тек (процес) на имплементацијата. Финалната селекција на бизнис плановите се врши од страна на надворешна и независна Експретска комисија, составена од банкари – експерти во мирко-кредитирање и експерт од Агенцијата за развој на претприемништво на РМ. Оценувањето на бизнис плановите се врши според утврдени критериуми, кои треба да ги издвојат оние бизнис планови кои имаат потенцијал да прераснат во реален и оддржлив бизинс. Во периодот 2007-2015 година основани нови фирми преку оваа мерка се 7722 во кои се вработени 7722 невработени лица активни баратели на работа како и се остварени дополнителни 190 вработувања кои исто така се поддржани со грант за дополнително вработувањe. Успешноста на мерката се огледа и во фактот што до денес околу 70 % од овие фирми се сеуште активни.

Проектот за самовработување со кредитирање е проект на Владата на Република Македонија, која  преку Агенцијата за вработување на Република Македонија успешно го спроведува од 2008 година, а од 2014 година и  Проектот Самовработување со кредитирање на младите лица до 29 години со кои се  одобруваат поволни кредити за невработени лица. Со Проектот се обезбедуваат поволни кредити за невработените лица кои се заинтересирани да започнат сопствен бизнис и за лица кои сакаат да го легализираат својот неформален бизнис. Кредитните средства се одобруваат под исклучително поволни услови, со каматнa стапкa од 1% која е далеку пониска од комерцијалните каматни стапки. Во зависност од обемот на дејноста може да се добијат различни износи на кредити односно за дејности од помал обем (трговија и услуги) може да се добие кредит до максимум 9.000 евра за три вработувања, а за дејности од поголем обем (производствени дејности, земјоделие и сл.) може да се добие кредит до максимум 17.000 евра за 5 работни места. Рок на враќање на средствата е 3 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит до 9.000 евра, односно 5 години со вклучен грејс период од 1 година за кредит над 9.000 евра. Проектот пак кој се однесува на младите лица се спроведува под малку поразлични услови, во смисла поголем износ на кредитни средства и поголем рок на враќање на кредитните средства, односно за кредитобарателот се доделуваат по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 4.000 евра, при што се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра. Рок на враќање на средствата е 7 години (84 месеци) односно период  на отплата 66 месеци (5,5 години) и  грејс период од 18 месеци (1,5 години). Со Проектот за Самовработување со кредитирање и Проектот за Самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години регистрирани се вкупно 3617 правни субјекти (сеуште активни се 77 % од регистрираните правни субјекти). Вработени се вкупно 5651 лице од кои 1326 се регистрирани индивидуални земјоделци и вршители на земјоделска дејност.

avrm

Речиси е невозможно да се набројат сите мерки со кои македонската Влада им нуди можности на невработените лица. Кои од нив сметате дека дадоа најголеми резултати?

-Веќе ги спомнав мерките за самовработување како доста атрактивни и побарувани од невработените лица, што се гледа од големиот интерес , голем број на апликации за учество и постигнатите резултати , односно бројот на новоотворени бизниси. Исто така,   голем интерес  и постигнати резултати има и за програмите и мерките , како за тие што водат кон директни вработувања ( обука кај познат работодавач; обука на работното место со субвенционирано вработување, финансиска поддршка за ново отворени работни места и др.), така и за програмите за подготовка за вработување кои ги зголемуваат можностите на невработените лица за подобро и побрзо вклучување на пазарот на трудот( практиканство,  обука за побарувани занимања на пазарот на труд; обуки за општи вештини, обуки  за напредни ИТ вештини и многу др. обуки), посочува Поповски.

Невработеноста е на историски најниско ниво. На што се се должи ова и ќе се продолжи ли во таа насока?

-Објавените податоци на Државниот завод за статистика од  Анкетата за работна сила според која  стапката на невработеност во 2015 година е 26.1% укажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување, насочени кон отворање на нови работни места, позитивните ефектите кои ги даваат новокреираните работни места од страна на домашните компании и странските инвеститори, како и зголемената соработка меѓу  странските и домашните компании која дополнително ја поттикнува потребата од нова работна сила. Значително влијание на намалување на невработеноста имаат и активните програми и мерки за вработување кои ги реализира Агенцијата за вработување на Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а со подршка на Владата на Република Македонија. Во изминатиот период, поточно во периодот од 2007 година од кога се спроведуваат годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, отворени се околу 34600 работни места. Овие вработувања се реализирани како резултат на активните програми и мерки за вработување, како што се самовработување, субвенционирање, различни програми кои водат до подигање на вештините на невработените лица заради нивно побрзо вработување, како обуки, практикантство, обуки за напредни ИТ вештини и др. Интерес за учество во активните програми и мерки за вработување постои и од страна на невработените лица и од страна на работодавачите. Исто така работодавачите во изминатите две години ги користеа и поволностите за вработување на млади лица до 29 години, како и поволностите за вработување преку проектот Македонија вработува, кој стартуваше во април 2015-та година, како проект за дополнително раздвижување на економијата, отворање нови работни места за луѓе на различна возраст и со различен статус, преку поддршка од државата со намалување на трошоците за работа. Во изминатите две години со проектот Македонија вработува и Вработување на млади лица до 29 години, креирани се речиси од 24.000 работни места. Во тек е реализација на активните програми и мерки за вработување предвидени во Оперативниот план  за 2016 година, во насока на подобрување на функционирањето на пазарот на трудот, преку поддршка во создавање на нови работни места и подигање на вештините на невработените лица заради зголемување на нивната вработливост. Исто така во наредниот период најавени се и се очекуваат нови инвестиции  од страна на странски компании, како и проширување на капацитетите на постоечките компании во зоните, што значи отварање на нови работни места и нови вработувања, заклучува директорот на АВРМ во интервју за КУРИР.