Поповски: АВРМ обезбеди 10 илјади работни со новите владини мерки во првите 100 дена

Во изминатите 100 дена од функционирањето на новата Влада, остварени се приближно 10.000 вработувања на лица кои првпат засноваат работен однос со помош на проектите и активностите предвидени во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ., истакна директорот на Агенцијата за вработување на Република македонија Влатко Поповски.

Тој на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во изминатиот период, Агенцијата реализирала или започнала со реализација на речиси сите ветени проекти, со што, како што истакна, се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на својот врвен приоритет – намалување на невработеноста и реализација на реформи со која ќе се постигне поголема функционалност на пазарот на трудот.

– Агенцијата го пушти во употреба новиот редизајниран Интернет-портал (avrm.gov.mk). Со тоа е олеснет пристапот до бараните информации како за работодавачите, така и за невработените лица. Ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за млади лица до 29 години е проект што започна со реализација со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и истиот ќе важи 2 години, односно до 2016 година. Досега оваа законска можност е искористена за вработување на 3.983 млади лица, рече Поповски.

Додаде дека се спроведува и проектот за самовработување со кредитирање и програма за поддршка за вработување во мали и средни компании е проект кој се состои од четири мерки, мерка насочена кон младите невработени лица, при што оваа година се склучени договори со 14 работодавачи за вработување на 23 млади лица.

– Во првиот циклус, пак, на проектот Поддршка за самовработување „од идеја до бизнис“ и формализација на постојни бизниси со неповратни средства – грант од 3.000 евра за секој новорегистриран сопствен бизнис регистрирани се 778 правни субјекти, со исто толкав број вработени лица, рече директорот на АВРМ.

Информира дека се реализираат и проектот Поддршка за прво вработување (практикантство) за млади невработени лица, програмата за Субвенционирање на вработувања на самохрани родители, деца без родители, родители на деца со посебни потреби, млади лица до 27-29 години, лица од 50-62 години и лица на кои работниот однос им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, како и Програмата за субвенционирање на вработување на деца без родители.

– Во рамките на Програмата за субвенционирање на вработување на корисници на социјална парична помош, склучени се договори за вработување на 98 лица. Проектот Субвенционирање на вработување на инвалидни лица се спроведува согласно Законот за вработување на инвалидни лица и досега доставени се вкупно 101 барање за доделување на неповратни средства од кои 101 барање за вработување на 154 инвалидни лица. Во рамките на мерката Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години„Прва шанса“, која има за цел полесен премин на младите високото образовани лица од образовниот процес во вработувањето, оваа година се склучени вкупно 10 договори за вработување, рече Поповски.

Ја спомена и мерката Обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување, со која, како што рече, оваа година се склучени 145 договори за обука. Од нив 79 лица склучиле договор за вработување со субвенционирање.

– За рализација на мерката Финансиска поддршка за правни субјекти за отворање нови работни места во мали и средни претпријатија и занаетчии од мал обем, склучени се договори со 51 работодавач за вработување на 75 лица. Во рамките на мерката Обука кај познат работодавач во 2014 година склучени се вкупно 188 договори за обука, при што се вработиле 71 лице. Мерката Обуки за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот, успешно ја завршија 202 лица. Лицата се обучуваа за 24 обуки, во 11 градови од страна на вкупно 19 обучувачи, истакна тој.

Напомена дека се реализираат и активностите за Поддршка за активно барање работа и професионална ориентација, Обуките за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот од сообраќајната струка, проектот Општинско корисна работа, Мотивациските обуки…

Поповски потсети и дека во рамките на проектот Дисперзирани канцеларии на центрите за вработување, планирано е да се отворат нови 11 дисперзирани канцеларии. Од нив, рече, досега се отворени нови шест дисперзирани канцеларии и тоа во Кривогаштани, Новаци, Долнени, Гази Баба, Богданци и Старо Нагоричане, Чешиново-Облешево, а вакви канцеларии ќе се отворат и во Ѓорче Петров, Бутел, Аеродром и Ранковце. Со тоа вкупниот број на дисперзирани канцеларии ќе изнесува 21.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.