Поповски: Ќе се залагам за европска и слободна Македонија

Двата клучни приоритети за кои ќе се залагам ќе бидат европска и слободна Македонија и граѓанинот во прв ред, истакна претседателскиот кандидат на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Зоран Поповски на синоќешниот митинг во скопската населба Карпош.

Кандидатот на ГРОМ во својот говор нагласи дека доколку ја добие довербата на граѓаните ќе биде натпартиски претседател, а не послушник.

„Од победнички Карпош, храбро  тргнуваме во победничка Македонија. Повторно, ова е местото од кое почнуваат суштински промени во политичкиот живот на нашата држава. Иницијатива која беше управувана и водена од самите граѓани  на Република Македонија. Денес, продолжуваме по истиот пат“, рече Поповски.

Вети дека ќе го заштити името и идентитетот на државата, не нарушувајќи ги притоа односите со соседите. Поповски напомена дека од особено значење за функцијата претседател е тој да биде фактор на помирување меѓу политичките партии и враќање на дебатата во Собранието.

Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски ги повика граѓаните да го поддржат Поповски, кој, како што рече, ќе работи единствено во интерес и за доброто на граѓаните.

На првиот митинг на ГРОМ говореа и преседателите на коалиционите партнери на партијата.