Поповски: Македонија не планира да ги затвори границите за бегалците

Тој потенцира дека во моментов мошне е намален приливот на бегалци на нашата граница, но како што рече тоа не се должи во толкава мера на преземените мерки за заштита на надворешните граници и спречување на илегален влез, колку што пред се се должи на временските услови.

Македонија сеуште чека на финансиска помош од ЕУ

Во однос на финансиската помош што во неколку наврати и беше ветена на Македонија за справување со кризата, Поповски нагласи дека сето она што досега било упатено како помош било насочено кон УНХЦР, Црвениот крст и другите хуманитарни организации. Македонија како држава сеуште не ги добила 10-те милиони евра што и беа ветени како помош за справување со кризата.

Засега нема точни информации колку пари се одлеале од државната каса за справување и за менаџирање на кризата, но проценките се дека се потрошени неколку 10-тици милиони евра.

Во Македонија нема да се градат бегалски кампови

За крај Поповски ги демантира пишувањата на одредени странски медиуми и потенцира дека во Македонија нема да се градат бегалски кампови, ниту пак дека има некакви намери постојните прифатни центри да бидат преуредени и да понудат престој за бегалците.

Бегалски Кампови во Турција
Бегалски Кампови во Турција

Во однос на најавите од страна на Австрија дека ќе одреди точен број на баратели на азил за годинава, Поповски појасни дека тоа нема да значи дека Австрија ќе ги затвори границите во целост, односно како што рече, тие и понатаму ќе ги пропуштаат мигрантите, но ќе ги упатуваат кон другите земји на ЕУ. Тоа би значело дека по полнувањето на таа горна линија од над 37.000 бегалци што имаат право на азил, Австрија ќе обезбедува само транзит за овие лица.