Македонија

Поповски: Мерките за вработување ги даваат очекуваните резултати

Поповски: Мерките за вработување ги даваат очекуваните резултати

Активните мерки за вработување и проектот „Македонија вработува“ ги даваат очекуваните резултати. Мерките се и стимул за странските компании, вели директорот на АВРМ, Влатко Поповски во интервју за МРТ.

Компанијата Амфенол објави дека стотина млади луѓе се вработиле преку активните мерки. Дали оваа бројка ќе расте?

Амфенол е меѓу првите компании која ги виде можностите на нашите мерки, и почна да ги користи од самото основање на копанијата во земјава. Почнаа со практиканство, па вработија неколку лица од ранливите категории, но ја користат и мерката за вработување на млади лица до 29 годишна возраст, преку која се вработени 100 лица. Бидејќи производството расте, оваа бројка кај нив ќе расте. Гледаме дека и другите компании кои сакаат да вработуваат, вработуваат и бараат некоја мерка која ќе биде соодветна да дојдат до квалитетен кадар кој ќе им биде потребен за нивниот раст и понатаму нови вработувања.

Тука можеме да ја споменеме и Антура, која исто така ги користи овие мерки?

Да, во непосредба близина на Амфенол е Антура, која ги користи мерките и каде веќе над 50 вработени се млади до 29 годишна возраст. Нормално, овие мерки нема да згаснат, оваа мерка е надополнета со мерките од проектот „Македонија Вработува“- пакетот од пет мерки за пет различни категории на невработени кој стартуваше пред еден месец и си ги дава предвидените резултати. Во наредниот период ќе ги соопштиме сите резултати кои се постигнати од секоја таргет група, па можам да кажам дека резултатите се задоволителни.

Видовме дека е склучен договор со техничко училиште за профилирање кадри. Каков кадар е најпотребен во моментов?

Ние навидум имаме завршени такви кадри, но во делот на практичната работа сме многу слаби. Затоа се склучуваат вакви договори со кои ќе се допрофилираат овие кадри за нивните потреби. Така се случува и во скопското училиште АСУЦ, на Машинскиот факултет каде компаниите финнасираат со стипендии. Тоа се случува низ цела земја, бидејќи компаниите увидоа дека долгорочното вложување во човечките ресурси е многу поисплатливо отколку краткорочното. Така што тие веќе размислуваат за малку поширок настап во делот на образованието, кое ќе почне да произведува соодветен кадар за тие компании. Самиот менаџер на Амфенол кажа, дека соработката е подлабока, па во иднина еден или два класа ќе бидат насочени за потребите на компанијата.

Има тренд на намалување на невработеноста, еве речиси сме на половина од оваа година- какви се проекциите?

Да, сите најавени инвестиции вработуваат, еве изутрината дознав дека најавената странска компанија во Прилеп почнува со ангажман на луѓе, значи она што го очекувавме веќе започнува. Исто така и големата компанија во тетовско- гостиварскиот регион која годинава најави вработувања. Но, не се само странските инвеститори, тука се и домашните компании кои го носат најголемиот број на вработувања. Сметам дека со соодветна бизнис клима и оние мерки кои ги нудиме како Влада, како Агенција за вработување мислам дека го погодивме таргетот, особено со проектот „Македонија Вработува“, но и оние сет мерки кои ги имаме секоја година, како практиканство, обука кај познат работодавач, субвенционирање за ранливи групи, како и обуката со субвенции, кредитирање за отворање на нови работни места, дополнителен финансиски стимул за отворање на ново работно место – така што сето ова води кон зголемување на вработеноста, а веќе се чувствува и во самите огласи кои ги објавуваме дека се поголем број компании се осмелуваат, доаѓаат кај нас, поднесуваат апликации и вработуваат луѓе.