Поповски му забранил на Заев да дава изјави пред странците?

Првиот човек на опозицијата, Зоран Заев, повторно избегнува изјави и не дава интервјуа. Заев вчера одржа говор без дискусија на конференцијата на која учествуваа лидерот на социјалдемократите во ЕП Јоханес Свобода и известувачот Ричард Ховит, а според партиски извори, советникот за комуникации на СДСМ, Роберт Поповски му забранил на Заев да дава изјави и да одговара на новинарски прашања, пишува „Курир“.

Заев се обрати на конференцијата „Демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите – клучни критериуми во напредокот кон Европската Унија“ во Скопје, одржа говор без дискусија и ги избегна новинарските прашања.

Лидерот на СДСМ не се појави ниту на изјавите по средбата со предводникот групата на социјалисти и социјалдемократи во Европскиот Парламент, Јоханес Свобода. Како по обичај, неговата заменичка Радмила Шекеринска беше онаа која се соочи со новинарските прашања, а Заев повторно, по којзнае кој пат ги избегна истите.

Партиски извори коментираат дека “криењето“ на Заев е по директна наредба на советникот на комуникации на СДСМ, Роберт Поповски, чиј став бил дека колку повеќе изјави дава Заев, толку поголема е веројатноста да каже нешто спорно, особено ако се има предвид присуството на меѓународните претставници, поради што му забранил на Заев да дава изјави.

Познавачите на состојбите не се изненадени од ваквото барање на одговорниот за односи со јавност во СДСМ. Ако се земат предвид бројните гафови кои претседателот на СДСМ веќе ги даде во неговите медиумски настапи, за што беше исмејуван од јавноста, станува јасно дека со забраната да дава изјави сака да се спречи некој нов гаф на првиот човек на опозицијата.

Медиумите и неодамна пишуваа дека Поповски  му забранил на Зоран Заев да дава интервјуа за медиуми кои не се под нивно влијание или пак да одговара на прашања поставени од новинари. Дополнително, Заев веќе подолг период нема дадено интервју, а јавноста добро го памети избегнувањето на македонските новинари при посетата на Брисел, кога лидерот на СДСМ не даде  изјава на ниту еден од нив по средбата со еврокомесарот Штефан Филе. Наместо тоа, Заев од Скопје си понесе своја партиска екипа, која го снимала, а потоа видеото го објавија на YouTube.

Фактот што на прес-конференција на Зоран Заев не е дозволено да се поставуваат прашања кои се надвор од темата за која тој говори дополнително ја поткрепува тезата за забраната која Заев ја има од Поповски. Така, на новинарите им е укината можноста да прашаат лидер на најголемата опозициска партија за став во врска со важни прашања, што впрочем е и негова должност како прв човек на опозицијата.