Поповски: Странските инвестиции носат нови вработувања

Странските инвестиции носат вработувања, а со тоа се придонесува за намалување на невработеноста. Сите компании коишто последните две години инвестираа во Македонија го зголемија својот број на вработени, а некои го постигнаа и максимумот во Република Македонија. Ова денеска го истакна директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), Влатко Поповски, кој посочи дека една од компаниите која го постигнала максимумот во Р.Македонија е „Дрексел Мајер“ каде што се вработени 4.400 работници.

Компании од тој тип, рече Поповски, се и компанијата „Ван Хол“ која има 430 вработувања, компанијата “Џонсон Контролс “ во Штип во која веќе работат 1.400 луѓе, како и компанијата „Кромберг и Шуберт“ во Битола, која вработи околу 1.000 луѓе. Сите други компании коишто инвестирале во Р.Македонија реално придонесуваат за намалување на бројот на невработеноста.

„Во Република Македонија има и други инвестиции за кои што во моментов имаме проблем да обезбедиме работна сила, а тоа се компаниите од градежниот сектор, коишто дојдоа да градат автопатишта во Македонија и во овој момент имаме проблем да им обезбедиме работна сила. Над 2.000 работници во градежниот сектор треба да се вработат само во овие компании во наредните неколку години“, посочи директорот на АВРМ.

Поповски апелираше до сите невработени лица, кои што имаат познавања од градежниот сектор, во делот на градење на мостови, подземна работа во тунели, во делот на работа на патишта да се пријават во Центрите за вработување и дa гo подобрат своето CV, за да можат да бидат ангажирани во овие компании.

Освен активните огласи за вработување на работници за изградбата на автопатиштата, Поповски истакна дека работници се бараат и во американската компанија „Амфенол“ во Кочани, каде се потребни околу 30 работници.

„И скопските компании како „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“ во скоро време имаа огласи со кои што побараа одредени стручни кадри од кои имаат потреба во нивните компании“, доаде тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.