Поповски: За еден месец вработени околу 1.600 лица преку проектот „Македонија вработува“

За нешто повеќе од еден месец преку проектот „Македонија вработува“ вработени се 1.580 лица.  Деведесет од нив се на над 58 – годишна возраст. За ова вчера информира директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, во рамки на промоцијата на проектот „Македонија вработува“ на три локации во центарот на Скопје.

Според Поповски, ова е нов начин за промоција, бидејќи граѓаните покрај јавната кампања се уште се недоволно запознаени.

– Иако имаме популизираност на мерките се уште граѓаните и не ги разбираат и не ги сфаќаат сите оние предности што ги нудат мерките. Во овој момент Агенцијата за вработување има 30 тима составени од свои вработени кои ги посетуваат компаниите, а воедно соработуваме со сите невработени. Ова е втор настан од овој тип каде што Агенцијата директно со граѓаните на отворени простори соработува. Првиот беше во Велес во вторникот, продолжуваме и во другите градови, рече Поповски.

Тој најави дека за неколку дена ќе биде објавена целосната агенда за летниот период, бидејќи, како што рече, целта е секој граѓанин, секоја компанија во Македонија да ги разбере поволностите што ги нуди самиот закон од „Македонија вработува“, како и другите мерки што ги спроведува АВРМ.

Според Поповски, радува фактот што со овој проект кој се спроведува еден месец и една недела се вработени дури 90 граѓани на возраст од над 58 години, со што, како што рече, конечно е пробиена возрасната бариера при вработувањето.