Популарноста на францускиот претседател Оланд опаѓа и поради новата љубовна врска

Францускиот претседател Франсоа Оланд ќе одржи полугодишна конференција за новинарите, во моментите кога неговата популарност значително се намали и кога најголемиот дел од Французите сметаат дека политички се однесува се „помалку левичарски“, пренесува францускиот печат.

Се очекува Оланд, денеска пред околу 500 новинари да одговори не само на политички прашања туку и за својот приватен живот, бидејќи француските медиуми, минатата недела објавија дека Оланд е во врска со актерката Жили Гаје.

Весникот „Нувел опсерватер“ пренесува дека повеќе од 60 отсто од Французите сметаат дека Оланд се однесува се помалку левичарски во однос на новогодишното обраќање, додека само 16 отсто од Французите оценуваат дека и понатаму е левичар.

Оланд за Нова година вети „пакт на одговорноста“ со претпријатијата и дека ќе се намалат трошоците во државниот сектор.

Незадоволството на Французите поради чекорите на Оланд преземени во последните две години е големо, така што според последните резултати 74 отсто од Французите се изјасниле негативно за него.И покрај тоа што веста за наводната љубовна врска со познатата француска актерка е се уште актуелна, Оланд сепак не ја откажа прес конференцијата.

Според резултатите од анкетата објавена во неделата, 77 отсто од Французите сметаат дека наводната врска на Оланд со оваа жена е негова приватна работа.Партнерката на Оланд, Валери Трирвајлер е во болница бидејќи доживеала „емотивен шок“ поради пишувањата на медиумите за неговата врска со актерката.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.