Поради бегалците запрен железничкиот сообраќај во Минхен

Бегалците кои со товарни возови од Италија пристигнале во Германија со часови го блокираа во неделата претпладнето сообраќајот во приградската железница на баварската престолнина Минхен, соопшти тамошната полиција.

„Во неделата утрото на источната ранжирна станица контролорите забележале повеќе лица кои се движеле по колосеците по што е запрен сообраќајот“, пренесува минхенскиот дневен весник Abendzeitung во своето интернет издание.

Германската сојузна полиција по потрагите со кучиња трагачи и од хеликоптер привела седум мажи од кои петмина се Нигеријци а двајца Мароканци. По истрагата се покажало дека бегалците пристигнале со товарен воз од Верона. Сите седуммина веднаш побарале азил во Германија.

Годинава само на железничките инфраструктури во Минхен се приведени повеќе од 400 илегални доселеници кои со товарни возови пристигнале од Италија. Големо мнозинство од беглаците коишто од Италија се обидуваат да дојдат до северноевропските земји, во прв ред Германија, биле запрени на граничните премини кон Австрија.

Лицата за коишто е докажано дека во Германија пристигнале преку некој друга земја членка на Европската унија, се враќаат во земјата од којашто пристигнале. Поради тоа, Австрија во повеќе наврати се закани дека повторно ќе воведе контроли на границата со Италија, доколку приливот на илегални бегалци не запре.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.