Поради големи свлечишта затворени два патни правци во кривопаланечко

Попладнево се одржа вонреднен состанок на Штабот за заштита и спасување при општина Крива Паланка на кој беше разгледана состојбата со активираните постојни свлечишта на локалниот пат село Дурачка Река – село Станци, маала Метов – село Дренак кај местото Видња и на стариот пат кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“.

Според донесените заклучоци и препораки, целосно е затворен за сообраќај по стариот пат кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, а утврдена е препорака за користење на алтернативниот локален пат, т.н. Руски пат.

За свлечиштето на локалниот правец Дурачка Река – село Станци – маала Метев – село Дренак кај местото Видња се препорачува целосна забрана на патниот правец за тешки товарни возила, а движењето на лесни моторни возила се препорачува само во случај на ургентна и неопходна потреба.

Напоредно преку месните заедници се преземаат мерки за информирање на месното население од селата Дурачка Река, Станци и Дренак.

Упатени се известувања до сите надлежни институции, до Полициската станица од општа надлежност, локалните такси компании и останатите субјекти.

Од Општинскиот кризен штаб апелираат до сите граѓани да ги почитуваат предупредувањата, препораките и поставената сообраќајна сигнализација.

За непочитување на овие укажувања општината и надлежните институции нема да сносат никаква одговорност, велат од Општински кризен штаб, потенцирајќи дека надлежните општинаски служби ќе бараат можности за пробивање на нов алтернативен пат.