Зоран Талер, поранешниот известувач за Македонија, осуден на 2,5 години затвор

Поранешниот министер за надворешни работи на Словенија и известувач на Европскиот парламент за Македонија, Зоран Талер, е осуден на две и пол години затвор поради корупција, јави „РИА Новости“, пренесува Нетпрес.

Поранешниот министер склучи договор со судските власти и ќе ја извршува казната само за време на викендите.

Тој мора да плати и парична казна во износ од 15.000 евра, што ќе бидат префрлени на сметката на педијатриски клиника во Љубљана.

Талер беше фатен во корупски скандал подготвен од британскиот весник „Сандеј тајмс“, чии новинари се претставија како лобисти кои даваа награда од 100.000 евра на европратеници за да влијаат на усвојувањето закони во Европскиот парламент.

Тој беше министер за надворешни работи на земјата во периодот од 1995 до 1997 година. Во периодот од 2009-2011 година беше европратеник од својата земја.

Заедно со Талер во мамката на „Сандеј Тајмс“ се фатија и романски, и австриски и шпански европратеник.