Поради снегот учениците во кривопаланечките села останаа дома

Учениците од подрачното училиште на ООУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка од селата Нерав и Огут, денеска не отидоа на настава, поради непроодноста на патот, големите наноси од снег и високата снежна покривка, информира директорот на училиштето, Дане Петровски, пренесува МИА.

Селото Нерав се наоѓа на надморска височина до околу 1.300 метри, додека Огут е на околу 1.000 метри надморска височина, а во двете подрачни училишта во селата настава посетуваат вкупно 12 ученици.

„Поради големите снежни наноси кај месноста Метежевски преслап, според информациите од службите за зимско одржување при локалната самоуправа, патот до село Нерав е непристапен, а и до Огут се пробива тешко. Поради тоа, а пред се заради безбедноста на учениците и во координација со нивните родители, утринава одлучено е настава денеска да не биде реализирана во двете училишта. Во село Огут има пет ученици, додека во Нерав настава посетуваат седум деца. Наставата ќе се реализира дополнително, а според службите, до утре патот ќе биде пристапен и расчистен“, информира Петровски.

Според него, ова се двете најоддалечени и најтешко пристапни во зимски услови села кои се лоцирани во ридско планинско подрачје на Кривопаланечкито регион.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.