Поранешен кревач на товар стана жена и главна тема на Игрите на Комонвелтот

Откако освои низа медали во машка конкуренција во дигање тегови, 39-годишниот Новозеланѓанец Гевин Хабард ја продолжи кариерата како жена станувајќи главна тема на Игрите на Комонвелтот кои се одржуваат во австралиски Голд Коаст.

Гевин во 2012 година ја започна трансформацијата на полот променувајќи го името во Лорел Хабард. Започна со хормонална терапија и од 2017 година се натпреварува како жена во категоријата над 90 килограми.

Лорел досега освои неколку медали, меѓу кои и две сребра на светското првенство минатата 2017 година во американски Остин станувајќи првата трансполова личност која освоила медал на некои од светските првенства. Лорел би можела да стане и првиот трансродов спортист кој ќе се натпреварува на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Беше и меѓу главните кандидатки за медал на Игрите на Комонвелтот. По натпреварувањето во кревање на мав беше во уверливо водство, но кај исфрлањето тешко го повреди лакотот, ѝ пукнаа лигаментите, па така испушти шанса да освои уште еден трофеј.

Ниту еден сојуз не вложи официјален приговор против настапот на Лорел, меѓутоа другите екипи на Игрите на Комонвелтот изјавија дека сметаат дека нејзиниот настап не е чесен.

„Мажот е маж, а жената е жена. Знам дека последните години се случуваат многу промени, но Лорел некогаш беше првак во машка конкуренција…. Нејзиниот случај е прифатен на највисоките нивоа, но тоа не е чесно“, најгласен меѓу оние кои даваат отпор беше селекторот на женската репрезентација на Самоа, Џеру Волворк.

Реагираше и шефот на спортската мисија на Република Науру, островска држава во Тихиот Океан.

„Лорел започна со дигање тегови како маж и има искуство во кревањето како маж, а потоа продолжи како жена. Сметаме дека тоа не е чесно и дека тоа ѝ дава неправедна предност“, вели др Кјерен Квеке.

Од новозеландската репрезентација порачаа дека ги почитувале сите правила и дека нејзиното ниво на тестостерон е исправно. Поддршка на новозеландската дигачка на тегови ѝ дадоа и од Институтот за дигање тегови на Океанија.

„Не може да се сопрат критиките, но го стори она што ѝ е потребно, па дајте ѝ можност и пуштете ја да продолжи“, изјави секретарот на сојузот Пол Коффа.