Поранешен британски министер ќе оди во затвор поради 13 илјади фунти неоправдани трошоци

Поранешниот министер од редовите на лабуристите Денис Мекшејн осуден е денеска на шест месеци затвор поради фалсификување на сметки и дека на тој начин направил државни трошоци од речиси 13 илјади фунти.

Мекшејн (65) кој беше министер за Европа во владата на Тони Блер, достави 19 лажни сметки од 2005 до 2008 година, додека беше член на Парламентот од Ротерам, на Северот на Англија.

Ова е петти член на Парламентот кој е осуден на затвор поради скандал кој изби во 2009 година по повод неоправдани и прекумерни трошоци на пратениците, што ја разлути британската јавност и ја наруши довербата во Парламентот.

Откриено е дека пратениците со државни пари плаќале, меѓу останатото и порно филмови, закуп на тениски терени и опрема за купатила.Системот за контрола на трошоците, во меѓувреме е реформиран.

Судијата Најџел Свини, изрекувајќи ја пресудата, изјави дека неискреноста на Мекшејн претставува „флагрантно нарушување на довербата на јавноста во Парламентот.“

Во текот на судењето е утврдено дека Мекшејн платил, односно ги задржал парите за истражувачка и преведувачка, а необјавена работа на Европскиот политички институт кој го основал во 1992 година.

Тој пред судот изјави  дека на трети страни им објавил работи, но дека не ги чувал сметките.