Поранешен член на француските тајни служби преминал во Ал Каида

Eден поранешен член на француската тајна служба ДГСЕ и’ се приклучил на Ал Каида и во моментов е приоритетна цел на американските ракетни напади во Сирија, објавил парискиот весник „Ле Монд“, пишува МИА.

Името на поранешниот француски агент не е објавено, иако тој им е познат на најмалку четири разузнувачки служби, за разлика од Мошин Ал-Фадли, кој се сметаше за шеф на исламистичката група Хорасан, поврзана со Фронтот Ал Нустра во Сирија.

Смртта на Фадли, чија глава беше проценета на седум милиони долари, беше потврдена од член на исламистичката група преку Твитер, пренесе на 28 септември, организацијата СИТЕ, која ги следи исламистичките објави на интернер. Фадли загинал при првиот бран на американски напади во Сирија.

Французинот, чија улога во исламистичката организација е многу поголема од таа на Фадли, ги преживеал американските напади. Тој бил експерт за експлозив и веќе се борел во Авганистан и Сирија. Неговото поминување низ француските тајни служби специјализирани за акции во странство е предмет на истрага, пишува париски „Ле Монд“.