Поранешен директор на ММФ потрошил 99 000 евра од службените кредитни картички

Владејачката Народна партија во Шпанија го исклучи од своите редови поранешниот генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Родриго Ратo и уште неколку членови поради финансиски злоупотреби на положбата.

Тие партиски функционери се наоѓаат под истрага поради сомнение дека користеле службени кредитни картици за лични трошоци.

Рато и уште осумдесетина функционери осомничени се дека го прекршиле законот и илегално потрошиле 15 милиони евра во дискотеки и на сафари патувања користејќи кредитни картици на шпанската Банка наменети за деловни трошоци.

Главната опозициска партија, Социјалистичка партија, веќе ги исклучи своите членови кои беа вклучени во тој скандал, критикувајќи ја Народната партија поради тоа што не го сторила тоа.

Рато бил генерален директор на ММФ во периодот од 2004 до 2007 година, и со тоа имаше клучна улога во надминувањето на должничката криза во Европа.

Според обвинителството во Шпанија Рато потрошил 99 000 евра од службените кредитни картички, а вратил околу 55 000 евра. Според пишувањата на тамошните медиуми, тој трошел илјадници евра во ноќни клубови и на сафари.