Балкан

Поранешен офицер на ЈНА осуден поради напад на Задар

Поранешен офицер на ЈНА осуден поради напад на Задар

Поранешниот офицер на ЈНА, Александар Лазаревиќ во Хрватска е осуден на затворска казна од седум години под обвинение дека заедно со 20 војници под команда на генералот Момчило Перишиќ, учествувал во артилериски напад врз градот Задар во 1991 година.

Според обвинението, во тој напад загинале најмалку 30 лица, а нанесена е и голема материјална штета.

Целата група, која учествувала во нападот, беше осудена во отсуство уште во 1997 година. Шестмина од обвинените, вклучувајќи го и генералот Перишиќ добија казни затвор по 20 години, а останатите под 14 или 15 години.

Момчило Перишиќ беше суден и во Хашкиот трибунал за воени злосторства во Босна и Херцеговина и Хрватска во периодот 1993-1995 година, но во март минатата година Апелацискиот совет на Судот го ослободи и тој беше пуштен на слобода.

Сите останати обвинетите, со исклучок на Лазаревиќ, се во бегство. Лазаревиќ беше уапсен кон крајот на октомври минатата година на босанско-српската граница.