Поранешната сапунара во Кисела Вода, од руина до 20 катница

На местото на некогашната сапунара „Цветан Димов“, која со години е засолниште на диво населени Роми, но и дувло на наркомани, ќе никне станбен комплекс на 20 ката. Инвеститорот, кој ќе се избира на електронко јавно наддавање, закажано на 19 декември, ќе треба на сопствен трошок да го урне објектот.

„Согласно Деталниот урбанистички план Изменување и дополнување на ДУП М.З. Цветан Димов – Славија (Блокови 1, 2, 3, 4, 5, 7, 8 и 10) предвиден е објект со намена А2 (домување во станбени згради) со компатибилни класи на намени Б1(мали комерцијални и деловни намени), Б2(големи трговски единици) и Б4(деловни простори) до 40 отсто од основната класа на намена. Поднесувањето на документи на јавната објава ќе трaе еден месец, односно до 15 декември и по истекот на овој рок ќе го знаеме вкупниот број на заинтересирани инвеститори“ велат од општина Кисела Вода.

Атрактивната локација се продава по почетна цена од 4.300 денари за метар квадратен, при што заинтересираните субјекти треба да достават банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 20.000 евра. Исто така,  инвеститорот пред склучувањето на купопродажниот договор е должен да поднесе и банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 20.000 евра.