Поранешната жена на Риболовјев уапсена поради кражба на прстен

Поранешната сопруга на рускиот милијардер Дмитриј Роболовјев, Елена уапсена е на Кипар, под сомнеж дека од семејниот фонд украла дијамантски прстен чијашто вредност се проценува на неколку десетина милиони евра, соопшти денеска кипарската полиција.

Како што пишува весникот „Сајпрус мејл“, Елена Риболовјева чијшто поранешен сопруг е сопственик, меѓу останатото на фудблскиот клуб Монако и островот Скорпиос кој му припаѓаше на поранешниот грчки милијардер Оназис, била пуштена на слобода, а против неа се уште не е покренато обвинение.

Семејството Риболовјев против поранешната снаа поднеле пријава во која ја обвинија дека украла вредно парче накит, за кое медиумите проценуваат дека вреди меѓу 25 и 30 милиони евра, а припаѓа на семејниот фонд.

Поранешната жена на овој тајкун е уапсена синоќа откако со приватен авион пристигнала од Швајцарија.

Според портпаролот на кипарската полиција, истрагата продолжува но засега нема причина осомничената да се задржи во притвор.

Дмитриј и Елена Риболовјеви кои се венчаа на Кипар, во брак биле 23 години, од 2008 година водат жестока бракоразводна постапка. Елена, од поранешниот сопруг бара 3,5 милијарди долари, додека неговото вкупно богатство се проценува на девет милијарди долари.