Поранешниот грузиски претседател Саакашвили уапсен во Киев

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој од сојузник на актуелниот украински претседател Петро Порошенко и градоначалник на Одеса се одметна во опозициски политичар во Украина, е уапсен во петокот неколку дена откако првиот обид за негово апсење заврши со неговото ослободување од неговите приврзаници.

Апсењето во петокот ноќта на својот фејсбук профил го потврди и украинскиот државен обвинител Јури Луценко. Специјалните сили го уапсиле 49-годишниот Михаил Саакашвили во центарот на украинската престолнина Киев и го предале во притвор, напиша обвинителот.

Соработниците на Саакашвили, исто така,потврдија дека тој е уапсен.

Според медиумските извештаи, по Саакашвили бил издаден налог за пасење, а неговите приврзаници во вторникот спречија да биде уапсен успевајќи да го извлечат од полициското комбе. Потоа тој се појави пред претседателската палата да бара оставка од претседателот Петро Порошенко.

Обвинителството, меѓу другото, го обвинува Саакашвили дека помагал криминална организација. Се наведува дека примал пари од поранешниот соборен претседател Виктор Јанукович, кој избегнувајќи ликвидација во моментов живее во егзил во Русија, за да организира државен удар. Доколку се утврди вината на Саакашвили, би можел да добие до пет години затвор.

Некогашниот негов сојузник, украинскиот претседател Порошенко му помогна на Саакашвили да дојде во 2015 година во Украина и да стане гувернер на регионот Одеса на Црното Море, со мнозинско рускојазично население. По година и пол Сакаашвили поднесе оставка на должноста, обвинувајќи го Порошенко за вкоренета корупција и барајќи негова оставка.

Додека Саакшвили пред неколку месеци престојуваше надвор од земјата, Порошенко му го одзема државјанството коешто експресно му го издаде пред две години, откако имаше шпекулации дека ќе се кандидира за претседател. Саакашвили во септември илегално влезе во Украина минувајќи ја границата со Полска во текот на масовниот судир на неговите приврзаници и украинската полиција.

Веднаш по апсењето на фејсбук профилот на Саакашвили се појави повик за масовно протесно собирање. Медиумите во Киев пишуваат дека се подготвува подигнување протестен камп, сличен како оној на плоштадот Мајдан кога се уриваше Јанукович, во што учествуваа според подоцнежни сведочења и платеници од Грузија.

Иако ужива силна поддршка меѓу своите приврзаници, Саакашвили во Украина има доста мала поддрпка. Само 1,7 отсто од гласачите ја поддржуваат неговата партија Движење на новите сили, покажува анкетата која во октомври ја спроведе Центарот Разумков од Киев.

Неговите приврзаници го сметаат за бестрашен борец против корупцијата, додека критичарите сметаат дека има малку веродостојна содржина зад неговата реторика