Поранешниот потпретседател на СДСМ со поддршка за екстерно тестирање

Поранешниот потпретседател на СДСМ со поддршка за екстерно тестирање
Поранешниот потпретседател на СДСМ со поддршка за екстерно тестирање

Посакуваните ефекти од екстерното тестирање се делумно остварени, пишува поранешниот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски во колумна објавена во месечниот магазин „Економија и бизнис“, каде дава поддршка за екстерното тестирање и предлози за негово унапредување.

Мислам дека е фер да се каже дека посакуваните ефекти се делумно остварени. Што може да се направи сега? Јас предлагам три чекори кои се многу едноставни, пишува Јовановски.

Прво, смета Јовановски треба да се реши прашањето за учебниците. Тој предлага за секој наставен предмет за кој се врши екстерно тестирање да има по еден, а не повеќе учебници. Со тоа, смета тој,  ќе се избегне ситуацијата одговорот за некое прашање од екстерното тестирање да го има во еден, но не и во другиот учебник за истиот предмет.

Притоа, останува на надлежните власти да го определат оперативното решение дали од тој учебник ќе се дојде со избор од повеќе учебници пријавени на тендер или властите ќе ги поканат најдобрите наставни, согласно претходно утврдени критериуми, и ќе им овозможат да подготват нов учебник. Јас сум за вториот пристап, при што власите ќе ги задрат авторските права и ќе биде лесно да се прават измени и дополнувања на учебникот. Се разбира, суштински важно е содржината на учебникот да соодветствува со најдобрите светски искуства, да биде концептуално насочена,а не збор на огромен број информации, понекогаш и не многу добро поврзани, вели Јовановски.

Второ, тој додава дека треба да се измени динамиката на тестирањето. Тоа не треба да биде еден тест на крајот од учебната година и проверка на целиот наставен материјал. Тестирањето треба да се врши четири пати во годината на крајот на секое тримесечие, на материјал што е поминат во тоа тримесечие.

Оперативно нема проблем да се реализира оваа динамика,бидејќи компјутерите се веќе обезбедени. Ова ќе бара дополнителен напор од надлежните лица. Но, на учениците ќе им олесни без притоа процесот да изгуби на квалитет. Ќе го нема веќе стресот дека се полага на цел материјал од целата учебна година. Важно е дека многу побрзо ќе може да се утврдат несовпаѓањата на оценките дадени од наставниците за тоа тримесечие и оние добиени на екстерното тестирање. Всушност, екстерното тестирање ќе стане систем за рано предупредување што навреме ќе укажува на слабостите кај одреден наставник/ученик и ќе може да се преземат корективни активности уште во текот на истата учебна година. Учениците ќе можат да бидат тестирани за повеќе предмети во текот на учебната година, па нема да важи веќе сегашната поплака дека некому му се паднале лесни, а некому тешки предмети, пишува Јовановски.

Трето, заклучува тој, треба да се измени приодот во тестирањето. Ова според него е суштински најважниот чекор.

Треба да се премине од постојаниот систем на меморирање и репродуцирање на огромен број детали кон систем каде што прашањата на екстерното тестирање ќе се фокусираат на разбирањето на важните концепти на материјалот. Тоа значи дека кај екстерното тестирање не би се знаела однапред листата на можни прашања. Наместо да бара кој ги има решени прашањата од листата можни прашања, ученикот ќе мора да се потруди да ги разбере суштински концепти што ги учи. Ова би било квалитативно поместување напред во образовниот процес, смета Јовановски

Тој заклучува дека го поддржува екстерното тестирање, тоа било  воведено со добра намера и има потенцијал да даде долгорочно позитивни системски резултати, но потребна е волја за да се надминат постојните слабости. Додава дека измените на постојниот начин на тестирање не бараат пари и можат релативно лесно да се направат, бидејќи како што нагласува било потешко да се воведе екстерното тестирање и да се обезбедат технички услови за негово реализирање, одошто тоа сега содветно да се корегира.