Поранешниот српски премиер Живковиќ обвинет за затајување данок

Поранешниот српски премиер Живковиќ обвинет за затајување данок
Поранешниот српски премиер Живковиќ обвинет за затајување данок

Даночната управа на Србија поднесе кривична пријава против поранешниот српски премиер и актуелен лидер на опозициската Нова партија, Зоран Живковиќ, под сомнеж дека затаил данок во износ од 18 милиони динари (над 146.000 евра), објави денеска белградскиот весник „Блиц“.

Живковиќ се товари дека го сторил ова данчно затајување во 2014 година, како одговорно лице и сопственик на приватната компанија „Емпреса“.

Весникот наведува дека според неофицијални сознанија, даночната полиција го товари Живковиќ дека извршил кривично дело за кое е предвидена затворска казна во траење од две до 10 години.

– Постои сомнеж дека даночното затајување било извршено при деловна трансакција со вино во вредност од 90 милиони динари (над 731.000 евра), чиј промет, наводно, не е евидентиран во деловните книги, пишува „Блиц“, додавајќи дека Даночната управа официјално ниту ги потврдила, ниту ги демнатирала ваквите информации.

Од друга страна, во изјава за „Блиц“ Живковиќ тврди дека „првпат слуша за сето ова“.

– Никогаш не сум направил даночен прекршок, ниту какво било кривично дело и нема зошто да биде поднесена кривична пријава против мене, изјави Живковиќ.

Според него, во целиот овој случај можно е да станува за нечија грешка или за некаква политичка пресметка.

Зоран Живковиќ на премиерската функција го наследи Зоран Ѓинѓиќ во март 2003 година и на оваа должност беше до март 2004-та. Претходно, од 1996 до 2000 година, Живковиќ беше градоначалник на Ниш, а од 2000 до 2003 и минстер за внатрешни работи на СР Југославија.