Поранешните бразилски левичарски престедатели Лула и Русеф обвинети за корупција

Главниот бразилски обвинител во вторникот ги обвини двајцата поранешни челници, претседателот Луис Инасио Лула да Силва и претседателката Дилма Русеф, заедно со уште шест високи функционери на нивната Работничка партија, за корупција и формирање злосторничка организација.

Сојузниот обвинител Родриго Жанот тврди дека осумте членови на бразилската Работничка партија, вклучително и двајцата порашени шефови на државата, сториле низа кривични дела поврзани со државната нафтена компанија „Petrobras“, како што се организирање картел, корупција и перење пари.

Ова се првите обвиненија за кривични дела против Дилма Русеф којашто во втората половина од 2016 година беше разрешена од претседателската должност поради кршење на законот за државниот буџет.

Во документот составен на 230 страници поднесен до Врховниот суд, нејзиниот претходник Лула се обвинува дека бил на чело на споменатото злосторничко здружување.

Лула, кој и покрај обвинувањата и натаму е најпопуларниот политичар во Бразил, веќе беше осуден и поднесе жалба на пресудата за корупција којашто би го оневозможила да се кандидира за претседател на изборите следната 2018 година. Лула, исто така, се соочува со уште четири судски процеси за корупција.

Обвиненијата произлегоа од истрагата којашто открила дека наводно група компании подмитувала функционери за да осигури поволни договори со „Petrobras“. Тие откритија покренаа серија истраги кои го потресоа бразилскиот политички систем и економијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.