Пораст на млечната индустија за 8,8 отсто

Зголемување на сточниот фонд, изградба на сопствени фарми, воведување нови технологии се само дел од инвестициските потфати на домашните млекарници со цел зголемување на производството на млеко, што во последните пет години бележи постојан пораст.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2013 година во Македонија од земјоделците и земјоделските комбинати се произведени вкупно 380,7 милиони литри кравјо млеко, што е зголемување за 8,8 отсто споредено со 2012 година, кога производството на кравјо сурово млеко изнесувало 349,7 милиони литри. Споредено со 2009 година, кога биле произведени 242,6 милиони литри, статистиката покажува зголемување на млекопроизводството за 11,1 отсто. Во исто време пораснал и приносот на млеко по молзна крава од 2.928 литри на 3.009 литри сурово кравјо млеко.

Во 2013 година најголемиот дел од кравјото млеко е произведен од индивидуалните фармери, на сметка на земјоделските комбинати, додека, пак, приносот по молзна крава е далеку поголем кај големите фарми отколку кај индивидуалните фармери. Минатата година крава одгледувана во модернизирана краварска фарма давала по 5.270 литри млеко годишно, додека кај индивидуален фармер каде што условите за одгледување се полоши годишниот принос по молзна крава изнесувал 3.266 литри сурово млеко.

Најголемо производство на кравјо млеко има во Полошкиот регион, каде што минатата година се произведени 105,88 милиони литри, по што следи Пелагонија со 103 милиони литри кравјо млеко и трет е Скопскиот регион. Притоа, просечните откупни цени на кравјото млеко во 2013 година се повисоки за 3,82 денари за килограм или за околу 24 отсто во споредба со 2010 година.