среда, 4 јануари 2017  |  Вести денес: 26

Пораст од 5,4 отсто на извозот на стоки од Македонија

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 241.950.630.000 денари  (4.364.227.000 долари) и бележи пораст од 5,4 проценти во однос на истиот период од 2015 година, објави денеска Државниот завод за статистика. 

стоки

Поврзани вести

Вредноста на увезената стока, пак, во периодот јануари-ноември лани изнесувала 339.520.438.000 денари (6.130.290.000 долари) што е за 5,2 процента повеќе во споредба со истиот период од 2015 година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 97.569.807.000 денари, а покриеноста на увозот со извоз 71,3 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облека.

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во периодот јануари-ноември минатата година, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Најчитани вести