Пореметувањата во дишењето за време на спиењето водат кон срцеви и мозочни удари и дијабетес

Македонија се приклучи кон глобалната иницијатива за зголемување на свесноста за распространетоста и можните последици од пореметувањата поврзани со сонот, како и промоција на можностите за нивна ефикасна дијагностика и современ третман, покрената од компанијата Филипс.

Познато е дека здравиот, квалитетен сон, покрај правилната исхрана и физичката активност, претставува „трет столб на здравјето“ кај луѓето. Поради тоа треба да им се посвети поголемо внимание на пореметувањатаповрзани со сонот, од кои според некои истражувања страда повеќе од 45% од светската популација, согласни се експертите. Според нив, иако поголем дел од ваквите пореметувања можат да се спречат и успешно да се лекуваат, сегашните состојби покажуваат дека помалку од 1/3 од заболените бараат лекарска помош.

„Доколку навремено не се дијагностицираат и третираат, респираторните пореметувања поврзани со сонот можат да предизвикаат бројни сериозни здравствени проблеми, како висок крвен притисок, срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес. Исто така, недостатокот на квалитетен сон доведува до смалена концентрација и будност, намалена ефикасност и продуктивност на работното место и при учењето, а може да биде причина за тешки повреди на работното место и сообраќајни несреќи, и затоа особено е важно навремено да се открие и лекува“, изјави проф. д-р Дејан Докиќ, Претседател на Македонското здружение за ноќна апнеа.

Најчест облик на респираторно пореметување поврзано со сонот е опструктивнатаноќна апнеа (OSA – obstructive sleep apnea) од која според проценките на СЗО моментално боледуваат повеќе од 100 милиони луѓе на планетата или меѓу 4 и 5% од возрасната популација. Ова пореметување се карактеризира со прекини или потешкотии при дишењето за време на спиењето, предизвикани од блокада на дишните патишта, на што влијание имаат повеќе фактори, меѓу кои најчести се: намалување на тонусот на мускулите на грлото и дишните патишта, зголемено ткиво, преголем јазик и други. Ноќната апнеа предизвикува повеќекратни прекини на дишењето за време на сонот од кои секој може да трае од 10 секунди до една минута, при што нивото на доток на кислород до виталните органи кај овие луѓе континуирано опаѓа. OSA најчесто се јавува кај мажи и претерано дебели луѓе, иако од неа може да заболат и жени и деца.

„Научно докажано е дека луѓето што страдаат од опструктивна апнеа и други респираторни пореметувања за време на сонот, не само што имаат намален квалитет на живот и продуктивност, туку живеат и пократко за 5 до 10 години од останатите. Во Македонија ваквите пореметувања годишно се дијагностицираат кај 50-инапациенти, но нивната реална бројка според проценките би можела да достигне и повеќе од 50.000лица. Ваквата голема разлика укажува на недостаток на свесност за проблемот во пошироката јавност. Ситуацијата се усложнува и поради тоа што пациентите обично не се свесни дека престануваат да дишат за време на спиењето, па затоа не чувствуваат потреба да побараат лекарска помош“, вели проф. д-р Бисерка Јовковска Ќаева, директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје, потенцирајќи дека клиниката и македонскиот здравствен систем во целина располагаат со стручни и материјални капацитети за ефикасна дијагностика и современ третман на ова здравствено пореметување. „На Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија веќе постои инсталирана лабораторија за полисоманографија која е донација од производителот PHILIPS и за чие функционирање, во неколку наврати досега, наши лекари посетувале едукација во странски лаборатории од ваков тип. Нашата цел е да продолжиме со натамошна едукација и усовршување на лекарите во оваа област“, децидна е професорката Ќаева.