Порошенко: Крим повторно ќе биде украински

Новиот претседател на Украина, Петро Порошенко вели дека целиот свет стои зад Украина и нејзината борба за слобода и демократија и дека Крим повторно ќе биде украински.

-Убеден сум дека ќе бидеме во состојба да покажеме дека во Украина се развива демократијата, дека Украина ќе појде по стапките на Европа. Убеден сум дека Крим ќе стекне слобода, дека ќе биде повторно украински, рекол Порошенко на свеченото доделување на Наградата за солидарност на лидерот на кримските Татари, Мустафа Џемилев.

Порошенко истакнал дека Украинците платиле огромна цена за своето копнеење да се приклучат кон Европа.

-Денес секој ден мораме да плаќаме огромна цена. Секој ден цивили и украински војници гинат од раката на агресорот, рекол Порошенко.

Тој додал дека „агресорот е осуден на изолација“ и дека гледа дека цела Европа е обединета во поддршка на Украина и слободата и демократијата.

-Гледаме дека целиот свет стои зад нас, додал Порошенко, кој утре ќе се сретне со американскиот претседател Барак Обама.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.