Порошенко бара мировни сили на ОН на границата со Русија

Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска се заложи за разместување мировни сили на Обединетите нации долж границата со Русија, јавува Танјуг.

– Правиме се да ги доведеме мировните сили со цел да ја заштитиме Украина од руската агресија, вклучувајќи ги и неконтролираните делови од украинско – руската граница, рече Порошенко на прес-конференција во Киев.

Порошенко, како што пренесува ТАСС, претходно изјави дека Украина има право да му се обрати на Советот за безбедност на Обединетите нации со барање за распоредување мировна мисија за да се дојде до мир во земјата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека иницијативата на Киев има за цел земјата да ја подели на два дела и додаде дека Москва во Советот за безбедност на ОН нема да гласа за мировна мисија на ОН во Украина.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итна средба за ширењето на судирот во Украина, што му се заканува на примирјето договорено пред четири месеци со посредништво на ЕУ.

Итен состанок на СБ на ОН побара и Литванија, бидејќи претседателот на Украина Петро Порошенко изјави дека 9.000 руски војници се присутни на територијата на Украина и предупреди на опасноста од „целосна инвазија“ на Русија долж целата заедничка граница.