Порошенко бара САД да помогне во решавање на конфликтот во Украина

Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска побара голема поддршка од САД за Украина во нејзината борба со проруските сили на југоисток на земјата, која би вклучувала и воена и невоена помош, како и построги санкции кон Москва и специјален безбедносен статус за Киев, објави МИА.

– Силно ги охрабрувам САД да ни дадат специјален безбедносен и одбранбен статус, кој овозможува најголемо ниво на интеракција со сојузниците кои не се членки на НАТО – изјави Порошенко во обраќањето пред членовите на американскиот Конгрес.

Тој побара поголема помош за украинската војска, изјавувајќи дека на Украина ѝ е потребна поголема политичка поддршка пошироко во светот.

– Потребно е поголема воена опрема. Ќебињата и средствата за ноќно надгледување се исто така важни, но војна не може да се добие со ќебиња – наведе тој.

Тој воедно побара построги санкции кон Русија, поради како што рече, „одземањето на Крим од Украина“ и поради поддршката на сепаратистичкото движење.

Во текот на посетата на Порошенко во Вашингтон, Администрацијата на американскиот претседател најави дека САД ќе и понудат на Украина пакет-помош вреден 53 милиони долари. Од тоа 46 милиони долари се предвидени за хуманитарна помош.

Порошенко би требало во текот на вечерва да се сретне со претседателот Барак Обама.