Свет

Порошенко најавува вонредна состојба во Украина доколку пропаднат преговорите во Минск

Порошенко најавува вонредна состојба во Украина доколку пропаднат преговорите во Минск

Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека тој, украинската Влада и парламентот се подготвени да воведат вонредна состојба на територијата на Украина во случај на неуспешна средба на врвот што ќе се одржи денеска во Минск.

Вонредна состојба според него, би се вовела и доколку има ескалација на конфликтот во источна Украина, пренесува МИА.

– Се ќе зависи од резултатите од средбата на врвот. На неа ние или ќе постигнеме запирање на агресорот по дипломатски пат, или ќе има друг режим. Јас лично, Владата и парламентот сме подготвени за воведување вонредна состојба на целата украинска територија во случај на ескалација на конфликтот, изјави Порошенко.

Изјавата беше дадена на состанок на украинската Влада пред тој да замине за Минск на средба со лидерите на Русија, Германија и Франција.

– Сакаме да живееме во мир и сакаме да ја запреме агресијата, нагласи претседателот. Уверува дека Украина ќе остане унитарна држава и оти единствен државен јазик во Украина ќе остане украинскиот.