Порошенко: Рускиот јазик треба да се замени со англискиот

Украинскиот претседател Петро Порошенко предложи англискиот јазик да стане втор јазик во земјата, наместо рускиот, пренесоа француските медиуми, објави МИА.

– Англискиот треба да стане втор јазик што ќе се учи во училиштата – изјави Порошенко во вчерашниот говор на универзитетот во градот Лвов, тврдината на национализмот во западна Украина.

Порошенко, богат бизнисмен со диплома по меѓународни односи и доста добро познавање на англискиот јазик, го наведе примерот на Сингапур, каде во 50-те години на минатиот век Владата го вовела англискиот јазик како втор официјален јазик.

– Треба да зборуваме не за статусот на рускиот јазик, туку за статусот на англискиот јазик – подвлече тој.

Болното јазично прашање во Украина се интензифицира поради состојбата во источна Украина. Според Киев, вооружениот конфликт со проруските бунтовници во источна Украина е предизвикан од Кремљ под претекстот дека треба да се заштити рускојазичното население.

Украинскиот е единствениот официјален јазик во земјата, откако во 1991 година таа стана независна држава. Иако не го зборуваат по дома, рускојазичните Украинци го разбираат и пишуваат на него, бидејќи неговото изучување во советско време беше задолжително.