Свет

Порошенко: Украина може да побара од САД да и биде доделен статус на главен сојузник надвор од структурата на НАТО

Порошенко: Украина може да побара од САД да и биде доделен статус на главен сојузник надвор од структурата на НАТО

Украина може да се обрати кон САД со барање да и биде доделен специјален статус на главен сојузник надвор од структурата на НАТО, изјави претседателот Петро Порошенко во интервју за Си-Ен-Ен, пренесоа медиумите.

„Треба да се искористат сите можни методи за деескалација на ситуацијата и ако санкциите помогнат за тоа, тие треба да бидат наметнати. Доколку тие не се покажат како доволни, можеби ќе треба да се обратиме до Конгресот на САД, да ни биде даден статус на основен сојузник надвор од структурата на НАТО“, изјави Порошенко.

Статус на главен сојузник на САД имаат Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Филипините и други земји партнери.

Во американскиот Сенат во мај беше поднесен предлог резолуција, поддржана од над 20 сенатори, на три држави кои се чувствуваат загрозени од Русија – Украина, Грузија и Молдавија – да им се додели статусот главен сојузник на САД. Овој статус би значел зголемен трансфер на американско оружје и опрема кон Украина, Молдавија и Грузија, како и засилена обука на нивните армии. На трите земји статусот на главен сојузник на САД би им бил доделен со траење од една година, со тоа што би можел да се продолжи од година во година, додека за тоа има потреба, и додека земјите ги исполнуваат поставените услови – да имаат демократски избрана влада и да соработуваат со САД во заедничките безбедносни прашања и во борбата против тероризмот.

Предложената резолуција, за која Конгресот се уште не се изјаснил, предвидува и да се засили извозот на американски природен гас во Европа, да се забрани можноста за признавање на припојувањето на Крим кон Русија и да се спречи натамошното повлекување на американски сили од Европа. Една од одредбите на резолуцијата предвидува значително да биде зголемена воената соработка на американската армија со армиите на повеќе други држави во регионот, и потпишување на билатерални договори за соработка во одбраната. Меѓу државите наведени за зголемување на воената соработка е и Македонија, а останатите земји наведени во предлог резолуцијата се Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Азербејџан.