Порошенко: Војната во Донбас може да почне во секој момент

Договорот од Минск треба целосно да биде исполнет, но војната во Донбас може да почне во секој момент, изјави претседателот на Украина Петро Порошенко денеска на отворањето на меѓународната конференција за поддршка на Украина во Киев.

Порошенко изрази надеж дека ќе добие поддршка од Европа за Донбас и дека Украина, Европа и Западот ќе бидат единствени за тоа прашање, јави ТАСС.

Според него Киев моментално води борби на два фронта. Води борба во Источна Украина, а истовремено спроведува сеопфатни и тешки реформи. Порошенко истакна дека денешната конференција треба да го зголеми нивото на поддршка за Украина.

На конференцијата во Киев, украинската Влада ги претставува и резултатите од напорите за стабилизирање на економијата и спроведување на реформи.

На конференцијата се поканети претставници на европски институции, на земјите од Г-7, ОН, меѓународни организации и големи инвестициски компании. Меѓу учесниците на форумот се и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и шефот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер.

Јункер на отворањето на конференцијата изјави дека дошло време да биде пресечена корупцијата, што ја поткопува украинската економија. Тој истакна, дека Украина разработила пакет од нови анти-корупциски закони. Претседателот на Европската комисија, исто така, нагласи дека се неопходни реформи на системот за државно управување, на енергетскиот сектор и децентрализација. Според него децентрализацијата ќе даде можност за решавање на конфликтот во Донбас.

– Реформите мора да се спроведат не за профит, туку за граѓаните, порача Јункер.