„Porta Jazz Festival”- фестивал на домашниот џез звук

Од 28 февруари до 2 март, Битола ќе биде домаќин на првиот „Porta Jazz Festival”, кој на едно место ќе ги собере врвните имиња на македонската и пошироката џез сцена. На тридневниот фестивал, битолската публика ќе може да ги види и чуе Тони Китановски трио, Алек Секуловски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски, Sethstad, Jazzobell Quintet и Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон.

„Porta jazz fest” ќе биде настан кој ќе ја слави пред се националната џез сцена, и кој ќе се обиде на едно место да ги собере најдобрите македонски џезери и нивните љубители. Сред напливот на шунд и неквалитет со кој се соочуваме секојдневно, со овој настан ќе се обидеме да направиме уште еден донкихотски обид да ја потсетиме публиката кои се музичките вредности што и дома звучат светски,“ рече организаторот на фестивалот Влатко Христовски – Дадо.

Фестивалот ќе го отвори големиот промотор на џез културата во Македонија, Оливер Белопета. Покрај музичките настапи пред публиката, програмата на фестивалот ќе вклучува џез работилиници и проекции на филмови.

Локацијата на настанот во Битола ќе биде култниот клуб „Porta Jazz“ , препознатлив како деценсико урбано уточиште на добриот звук и трајните културни вредности.