Портпаролот и министерот за воени ветарани во САД си поднесоа оставки

Портопаролот на американскиот претседател Џеј Карни и министерот за воени ветерани, Ерик Шинсеки, си поднесоа оставки од своите функции, соопштуваат од Белата куќа.

Џеј Карни по 3 ипол години поднесе оставка на функцијата портпарол на американскиот претседател Барак Обама. Неговото место сега ќе го има Џош Ернест, досегашниот заменик.

Карни (49) изјави дека досегашната должност ја напушта поради лични причини. Тој пред да дојде во тимот на Обама, две години работеше како директор за комуникации кај сегашниот потпретседател Џо Бајден, а претходно беше новинар, речиси три години беше шеф на вашингтонското биро на магазинот „Тајм“.

Кратко пред да ја објави оставката на Карни, америкаснкиот претседател Барак Обама го соопшти заминувањето и на неговиот министер за воени ветерани, Ерик Шинсеки. Причината за тоа е скандалот во врска со смртта на бројни ветерани, кои, според обвинувањата, добиле предоцна медицински третман. Обама соопшти дека министерот поднесол оставка, која тој со големо жалење ја прифатил. Шинсеки е самиот виетнамски ветеран, беше првиот американски граѓанин со азиско потекло кој стигна до шеф на штабот на армијата, а на министерската позиција беше од 2009. година.