Португалија: Бројот на жртвите во пожарот се зголеми на 57

© EPA/PAULO CUNH

Шумскиот пожар кој од саботата беснее во Поргуалија однел засега 57 човечки животи, објави во неделата владин претставник повикувајќи се на најновите информации кои пристигнуваат од теренот.

Претходно беше соопштено за 43 жртви во пожарот кој избувнал во планинската област Педрагао Гренаде, 50 километри југоисточно од Коимбра и 200 километри североисточно од португалската престолнина Лисабон, во централниот дел на земјата.

Повредени се 59 лица, меѓу кои се и пожарникари. Осум од нив се во критична состојба, а засега не е познат бројот на исчезнатите лица. Двајца пожарникари во неделата утрото беа водени како исчезнати, и не е познато дали тие се вброени меѓу последните податоци за жртвите.

Бројот од 19 загинати во саботата вечерта постепено се зголемуваше и достигна 57, појасни Хорхе Гомеш, државен секретар за внатрешни работи. Според него од 57-те загинати, 30 се пронајдени во автомобили, а другите во близина на своите возила на патот кој води кон автопатот IC8, бегајќи пред огнената стихија.

Областа каде што избувна пожарот изминатиот период беше погоден од топлотен бран со температури од над 40 Целзиусови степени, проследен со громови но без врнежи. Во справувањето со овој пожар се ангажирани најмалку 600 пожарникари. Полицијата поради безбедноста затвори повеќе локални патни правци.