Спорт

Португалија со минимална победа против Хрватска

Португалија со минимална победа против Хрватска
Со голот на Рикардо Кваерзма постигнат на три минути пред крајот на второто продолжение, Португалија минимално со 1:0 ја совлада Хрватска и се пласира во четвртфиналето на Европското фудбалско првенство во Франција.
На овој натпревар уште еднаш се потврди непишаното фудбалско правило дека кога нема да ја искористиш својата шанса, тогаш противникот ќе те казни. Така беше во 118.минута. Хрватите пропуштија да постигнат гол преку Перишиќ кој ја погоди стативата, а во продолжение на акцијата на другата страна на теренот, Кристијано Роналдо упати удар, хрватскиот голман ја одби топка, натрча Кварезма и со глава од непосредна близина реализира.
Во основните 90 минути двете репрезентации играа претпазливо само со по некоја полушанса за гол, а слично беше и во двете продолженија од по 15 минути се до моментот на постигнување на голот.
Португалија стана третиот учесник во четвртфиналната фаза, претходно место помеѓу осумте најдобри обезбедија Полска и Велс.
Три натпревари одосминафиналето се играат и денеска. Двојките се:
Франција – Република Ирска,
Германија – Словачка и
Унгарија – Белгија.
Четвртфиналната листа ќе биде комплетирана утре по средбите:
Италија – Шпанија и
Англија – Исланд.