Репрезентацијата на Португалија е првата која обезбеди пласман во полуфиналето на Европското фудбалско првенство што се одржува во Францијa.
Португалците место меѓу четирите најдобри изборија со победата над Полска со 5:3 на пенали, во првиот меч од четвртфиналето одиграно синоќа на стадионот „Веледром“ во Марсеј.
Со голот на Роберт Левандовски по само 100-секунди игра Полска поведе со 1:0, но Ренато Санчез во 33. минута израмни на 1:1, што беше и конечен резултат по регуларните 90, но и дополнителните 30-минути.
Во пенал серијата, клучен беше ударот на Блажиковски во четвртата сериија кој португалскиот голман Патрисио го одбрани, за веднаш потоа Кваресма да погоди и да ја одведе Португалија во полуфиналето.
Противник на Португалија во полуфиналето ќе биде подобриот од натпреварот меѓу дебитантот Велс и фаворизираната селекција на Белгија, кој ќе се игра вечерва од 21 часот во Лил.
Втората полуфинална двојка ќе ја дадат победниците од преостанатите два четвртфинални дуели кои ќе се играат в сабота и недела, исто така од 21 часот, а во кој актуелниот светски шампион Германија за противник ќе го има европскиот вицепрвак Италија, додека домаќинот Франција ќе игра против најпријатното изненадување на првенството досега, селекцијата на Исланд.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.