Македонија

Португалија со поддршка за Македонија во ЕУ и НАТО

Португалија со поддршка за Македонија во ЕУ и НАТО

Заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија, Драгана Кипријановска денеска оствари средба со Бруно Макаеш, државен секретар за европски работи во министерството за надворешни работи на Португалската Република.

На средбата беше констатирана заемна подготвеност за динамизирање на билатералните односи и продлабочување на меѓувладината соработка во повеќе сегменти од практичен интерес за обете страни. Стимулирањето на обемот на инвестициите и зајакнувањето на севкупната економска и трговска соработка ќе останат во фокусот на активностите за натамошно унапредување на македонско – португалските партнерски односи.

Заменик министерот Кипријановска се задржа на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, посебно процесите кои се директно поврзани со постигнување на нашите стратегиски определби за што поскоро интегрирање во Европската Унија и НАТО. Изрази благодарност за досегашната, како и очекувањето за натамошна, засилена поддршка од Португалија.

Државниот секретар Макаеш повтори дека, за Португалската Република, примарен интерес е гарантирање на стабилноста на Балканот и целосно интегрирање на регионот во Унијата.

На средбата беа разменети мислења и за други теми, како што се соработката меѓу двете земји на мултилатерален план, односите на Македонија со соседите, актуелните состојби во нашиот Регион, како и за прашања од меѓународно – безбедносен  карактер.