Посебен сообраќаен режим во Париз поради загадувањето

Во Париз и неговите блиски предградија денес е воведен алтернативен сообраќај за моторните возила, одлуката може да важи и утре, ако не се подобри ситуацијата со загаденоста на воздухот, јавува дописникот на МИА од Париз.

Одлуката за алтернативен сообраќај стапи на сила изутринава во 5 часот и 30 минути по „одмерувањето на силите“ меѓу градоначалничката на Париз, Ани Идалго и државата.

За спроведувањето на мерката, која предвидува забрана за сообраќај за сите возила чија регистарска табличка завршува со парен број, се грижат 750 полицајци.

Според проценките на градоначланичката  на Париз, изутринава во 9 часот во Париз имало 40 отсто помалку сообраќај.

Казната за непочитување на забраната за движење на моторните возила изнесува 22 евра. Истовремено сите автомобилисти се повикани да ја намалат брзината за 20 км/час со цел да се намали загаденоста на воздухот.

Денес во Париз се бесплатни паркинзите за неговите жители, додека автомобилите со парни регистарски таблички можат да се паркираат на паркинг-местата на кои вообичаено не може да се остане подолго од два часа.

За  жителите на Париз денеска е бесплатен и јавниот превоз, како и првиот час од изнајмувањето на автомобилите Отолиб и целосно бесплатен еднодневен тикет за Веллиб, но ограничен на половина час користење.

Слична ваква мерка во Париз беше воведена само на двапати во 1997 година и последниот пат на 17 март 2014 година

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.