Стопанска комора и МТСП ќе формираат фонд за подршка на инвалидни лица и лицата во социјален ризик

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и  претседателот на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески, денес потпишаа меморандум за соработка.

„Секој заслужува можност за успех и напредување, а наша обврска како институции и одговорни чинители на ова општество е тоа да го овозможиме.  Низ бројни примери, се покажа дека бизнис заедницата може и има голем удел во реализација на поволности и проекти за различни категории на граѓани. Поаѓајки од оваа определба а согласно со програмските активности за соработка со бизнис заедницата во изминатиот период, како претставници на министерството за труд и социјална политика остваривме средби со работодавачите, стопанските комори, и  асоцијациите на работодавачи”, рече Спасов.

Посебен фокус, како што рече тој, бил ставен на обезбедување на соодветни мерки за стручна рехабилитација на инвалидните лица и промовирање на можностите за вработување на истите на слободниот пазар на труд и со тоа создавање на услови за нивна целосна интеграција во општеството.

„На средбата со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески постигнавме согласност за продлабочување на соработка во овој дел и конкретна реализација на активностите за  поддршка на лицата со инвалидност и лица кои се наоѓаат во социјален ризик. Токму затоа денес го потпишуваме меморандумот за соработка со кој се уредуваат активностите коишто ќе се преземаат во наредниот период  а особено на вработување на лицата со инвалидност, подобрување на  социјалната интеграција на овие лица и друг вид на поддршка потенцираше”, Спасов.

 Во таа насока, Министерството за труд и социјална политика ќе отвори посебна сметка за донации  од членките на Стопанската комора на Македонија, а средствата ќе се користат за лицата со инвалидност и лица кои се наоѓаат во социјален ризик.

Членките на Стопанската комора на Македонија покажуваат интерес за партиципација во овие активности и директна помош, со што ќе ја покажат општествената одгововорност и социјалната одговорност.

„Сакам да истакнам благодарност до претседателот на Стопанската комора за интересот и вклучувањето во оваа активност. Преку конкретната подршка и изразената хуманост, Стопанската комора и Владата на Република Македонија остваруваат  заедничка мисија а тоа е да работат на подобрување на социјалната положба на лицата со инвалидност и останатите категории на граѓани кои се во социјален ризик“, заврши Спасов.